Победник на 34-то издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2019“ е Мартинијан Кириловски, кој ја изведе песната „сто пати на ден“. Второто место е за Александар Митевски и Драган Спасов-Дац со песната „Уште ми фалиш“, а трето место е за познатата група „Фрајле“ , кои на македонски ја интерпретираа песната „Не и признавај“.
Наградата за најдобра интерпретација отиде кај Росана Сариќ-Тодоровска со песната „Спомени“, наградата за најдобар дебитант ја доби Славица Ангелова со изведбата на песната „Љубовта не боли“. Мартија Станојковиќ која имаше комплетен настап на сцената ја освои наградата за најдобар сценски настап со изведба на песната „Возбуда и љубов“, и наградата за најдобар аранжман отиде во рацете на Иле Спасов за песната „Кој те учи така“.
Техничкиот директор на „Макфест“, Кирил Панајотов за МИА вели дека е задоволен од 34-то издание на „Макфест“, од самата сцена, преносот на фестивалот и комплетно од она што се случуваше на сцена.
Во преполната сала на Центарот за култура „Ацо Шопов“ синоќа на финалната вечер се слушнаа 20 композиции, додека своја шоу програма имаше Тамара Тодевска. Публиката уживаше во нејзините интерпретации, а на секоја песна имаше долги аплаузи.
Организатор на „Макфест“ и оваа година е Општина Штип со финансиска поддршка на Министерството за култура.