Нелегално изградените објекти покрај Охридското крајбрежје, палењето на трските во и околу езерото, како и депонирањето градежен шут и отпад негативно влијае врз растителниот и животинскиот свет во Охридското Езеро, сметаат експертите.
Биологот Беким Зиба вели дека дивоизградените објекти на крајбрежјето не само што го загрозуваат статусот Охридскиот регион да биде ставен на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО, туку и наштетуваат и на богатата флора и фауна.
-Дивоизградените објекти и несовесното однесување на луѓето еколошки и биолошки и наштетуваат на флората и фауната и во крајбрежјето и во водата. Треба да се рушат, да се повлечат како што беше порано, најмалку 50 метри од брегот на Езерото, а не да се гради како што ќе му текне на некој, нагласи Зиба во изјава за МИА.
Сличен став дели и активистот од граѓанската иницијатива „Доста е“ Глигорије Ќатоски. И тој смета дека на струшката ривиера има дивоградби кои влијаат врз живиот свет во Езерото, но и оти директно придонесуваат да бидеме ставени на список на загрозени места на УНЕСКО.
Покрај негирањата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дека во Струга нема дивоградби, кои го загрозуваат статусот на Охридското Езеро да биде ставено на листата на загрозениу подрачја, Ќатоски го тврди спротивното.
-Секако дека во Струга има дивоградби. Со задоволство би ги прошетал градежните инспектори и градоначалникот да им ги покажам тие дивоградби на самото крајврежје. Постојат дивоградби што се изградени на крајбрежјето и директно придонесуваат да бидеме ставени на листата на загрозени подрачја, вели Ќатоски.
Смета дека е потребно системско решавање на проблемите, посочувајќи оти во измените на Законот за градежно земјиште со строги рокови треба да се определи термин во кој концесионерите би имале доброволен рок за отстранување на објектите покрај плажите.
– И покрај законските одредби за монтажни објекти на плажите се поставија објекти од цврста градба, кои концесионерите, чии концесии се истечени од поодамна се однесуваат како да се нивна сопственост. Ваквите објекти да бидат отстранети во предвидениот рок, додава Ќатоски.
Граѓанскиот активист од „Доста е“ го спомна и палењето на трските кое речиси секоја пролет се случува на струшкото крајбрежје, нагласувајќи ја важноста како природен филтер кој влијае за одржување на растителниот и животинскиот свет во Охридското Езеро.