Триесет и седум години од раѓањето на Тоше Проески

Македонија денеска одбележува 37 години од раѓањето на најголемата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, кој трагично загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Во неговиот роден град Крушево ќе се одржи музичка манифестација во организација на локалната самоуправа, спомен куќата „Тодор Проески“, меѓународната фондацијата „Тоше Проески“ и средното училиште „Наум Наумовски Борче“.

Ќе настапат локалниот бенд „Кици и Пеце“, хорот на средното училиште „Наум Наумовски Борче“ како и оперскиот пејач, сопранот Билјана Јосифов, придружувана од клавијатуристот Сашко Николовски.

Претходно, во 11:15 часот (времето кога се родил Тоше во 1981 година) ќе биде положено цвеќе на неговиот гроб на Гумење.

Во Крушево веќе пристигнуваат фанови од Македонија и од Балканот за да го одбележат роденденот на Тоше и да потврдат дека тој живее со песните и во спомените на сите.

Во Скопје, по повод роденденот на Тоше, кој беше и голем хуманист, ќе биде организирана крводарителска акција во Домот на АРМ во периодот од 9 до 17 часот. Акцијата ја организираат Црвениот крст на Град Скопје, Општинската организација на Црвниот крст од Гази Баба, Институтот за Трансфузиона медицина, Тоше фанови РМ и Фондација Тоше Проески.

Тоше загина на 16 октомври 2007 година. Тој не беше само македонска, туку и балканска ѕвезда. Неговите песни станаа хитови кои се пејат и денес. Соработуваше со композитори од Балканот и светот како Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински и  Ања Рупел.