Иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“: Се уништува шумата за да се градат нови објекти на Шара

Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ објави фотографии со кои предупредува за најновата состојба од пред два дена на Шар Планина, каде, велат, се сечат многу дрва и се уништува зеленилото со цел да се градат нови објекти.

Според нив, станува збор за реонот на селото Бозовце, како и во близина на месноста Лешница.

– Шар Планина е под ризик од мафијата која гради хидроцентрали. Се сечат дрвја и се уништува зеленило кај Лешница која со ова уништување го губи епитетот на најубавиот место на Шара. Се поставуваат прашањата кој не дозволува да се прогласи Шар Планина за национален парк, кој е одговорен за уништувањето на Шар Планина, велат од иницијативата “Да ја спасиме Попова Шапка“.

Минатиот месец поголем број планинари исто тка преку фотографии алармираа дека забележале дека има складирани стотици кубни метри дрва, исечени стебла, уништени шумски предели за да се пробијат диви патишта.

Исто така,  од иницијативата потсетуваат дека во септември, министри, градоначалници и амбсадори прошетаа низ Шар Планина во рамки на кампањата за потребата таа да се прогласи за национален парк.

-Работите привршуваат и во наредните месеци очекуваме прогласувањето да се реализира. Таа динамика коинцидира со процесот на започнување на преговори со што даваме две пораки дека политички созреавме да станеме дел од Унијата и се доближуваме на европските стандарди за заштитено подрачје, изјави во септември вицепремиерот Бујар Османи

Република Северна Македонија има девет отсто заштитена зона низ државата, а со прогласување на Шара за национален парк таа површина би се зголемило на 12 проценти.