Зоран Љутков: Културните работници изразија незадоволство поради неисполнетите ветувања на Владата

На 08.10.2019 година македонската јавност беше сведок на еден од најмасовните протести на работниците во културата до сега.

Под мотото „КОЛЕКТИВЕН СЕГА“, јасно и гласно, културните работници го изразија своето незадоволство поради неисполнетите, лажните ветувања на оваа влада. Го изразија својот револт поради погубните политики на СДСМ и во оваа област. На само 18 часа пред протестот националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски од партиската говорница, деградирајќи го својот коалиционен партнер кој подолго време го води ресорот култура, се обиде на перфиден начин да ги замолчи културните работници. Се обиде да ја намали масовноста на овој протест кој потврди дека културните работници знаат што сакаат и нема да дозволат некој да манипулира со нив. Се обиде со манипулација нивелирањето на платите да го претстави како покачување на платите.

Нивелирањето не ги решава проблемите со платите во културата,тоа е само порамнување и тоа во рамките на една дејност. Тоа е само шминка да се покрие отсуството на искрени заложби да се реши ова прашање и да се избегне потпишувањето на колективниот договор.

Исто така Алаѓозовски изјави дека СДСМ подготвила нацрт на колективниот договор што јасно укажува дека погрешните политики се коваат во партиските штабови а не во релевантните институции.

Господине Алаѓозовски. Партија не изготвува колективен,туку министерството за култура заедно со релевантните синдикати и тој предлог за колективен договор за кој што зборувате вие е дело е на Синдикатот за култура,а не на СДСМ.

Културните работници бараат да се потпише колективниот договор кој апсолутно не зависи од новиот т.н. закон за остварување на јавниот интерес во културата кој исто така е одраз на отсуство на вистинска визија за развој на културата во Република Македонија.

Реакцијата на министерството за култура дека не може колективен договор без нов закон е само замка за да се донесе овој закон на шверцерски начин, на кој на “мала врата” и без соодветна стручна и јавна дебата се врши преформулирање на националниот и државен интерес во јавен интерес. Тој е полн со катастрофални решенија кој не носат никакво развојно поместување во културата.

Затоа,почитувани господа од власта, доста изговори и фатете се за работа!

Дајте го јавно колективниот на увид! Не ја решавајте судбината на културните работници по партиски штабови. Но,ако вие немате доволно ресурси и капацитет,ние го нудиме својот конструктивен придонес во донесувањето на овие особено значајни стратешки документи за вработените и воопшто за состојбите во културата во Република Македонија.