Куманово достојно ќе го одбележи 11 Октомври, Ден на народното востание со бројни културни и спортски настани што ќе се одржат наредните денови. На 11 Октомври на Спомен-костурницата цвеќе ќе положат бројни делегации, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, најави на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
На градскиот плоштад припадниците на Армијата ќе презентираат дел од опремата и возилата со кои располагаат.
– Ја користам приликата, освен да го честитам празникот, да ги поканам граѓаните масовно да излезат и да им оддадеме признание на кумановци кои го изгубиле животот во периодот на Втората светска војна, за денес ние да живееме слободно и во независна држава, рече Димитриевски.
Полагањето на цвеќето е во 10 часот, во 12 ќе се одржи тактичко-технички збор на Армијата на градскиот плоштад. Вечерта во Центарот за култура ќе се промовира преработката на песната „Прошета се Јовка кумановка“ од „Некст Тајм“.
– Претставници од Општина Куманово ќе ја посетат Општина Прилеп и ќе продолжиме со традицијата заеднички да го прославуваме овој значаен датум, изјави Димитриевски. Покрај општинска делегација во Прилеп ќе бидат презентирани дела изработени од ликовната колонија „Куманово“ од Пелинце, а ќе настапи и денс студио „Мак“.
Покрај овие настани, организирани се бројни спортски манифестации, велосипедски трки, меѓународна атлетска трка, тениски турнир, турнур во пинг понг, планинарски марш…