Претседателот Пендаровски утре во официјална посета на Австрија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски утре ќе престојува во официјална посета на Република Австрија, соопшти неговиот кабинет.

Во Виена, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести ќе биде примен од сојузниот претседател Александер Ван дер Белен, а ќе оствари билатерални средби со сојузната канцеларка Бригит Биерлејн и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.

Според агендата, претседателот Пендаровски ќе одржи предавање на Дипломатската академија во Виена на тема „Преспанската спогодба – нетипично решавање спор на Балканот“.

За време на официјалната посета на Република Австрија, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска.