Во Глобалниот индекс на конкурентност сме на 82 место, назадување кај работната сила

Северна Македонија е рангирана на 82-то место од 140 држави во светот според најновиот извештај за Глобалниот индекс на конкурентноста на Светскиот економски форум.

– Генерално имаме подобрување за две места, но ако се гледаат  поените по одредени области во поголемиот дел тапкаме во место односно остануваме на исто, рече на презентацијата на извештајот Дриљон Исени од Комората на Северозападна Македонија, партнерска организација од државава во глобалната анализа во која се оценува економијата на државата преку 12 столбови со 103 параметри.

Според Исени, државата останува слаба во параметрите за институциите, полошо стои и кај работната сила од аспект на стручното образование, но и кај квалитетот на патиштата, а нема значителни посметувања кај ИКТ индустријата.

-Кај квалитетот на работната сила многу лошо котираме во делот на стручното образование, каде сме на 131-то место, како и во  способностите на дипломираните лица. Ова е факт што се гледа при вработување на новиот кадар, кој не ги исполнува потребите на бизнисот.  Во наоѓање квалитена работна сила остануваме на 125-то место на светско ниво што е многу ниско рангирање, рече Исени.

Тој дополни дека секој ден бизнисот има се помалку и квалификуван и неквалификуван работен кадар поради што треба да се гледа и на можноста за увоз на работници од странство,  каде пак нотираат проблеми поради постапките за дозволи за престој и за работа.

-Со многу држави оваа работа  е решена со реципроцитет и ова е и пречка што Европската унија ни ја спомнува во неколку наврати. На светско ниво Албанија е на прво место во оваа област и таму странците  може многу лесно да се вработат. Бизнис заедницата сега се соочува со недостиг на работна сила и државата треба многу бргу да реагира со цел да се помогне на бизнисот, рече Исени.

Во делот на институциите, како што наведе, независноста на правосудството останува на ниско ниво и е на 127 место, за едно место подобро од лани, а исто е рангирањето и на способноста на инситуциите да се справат со сложената правна регулатива.

-Кај заштитата на правата од интелектуална сопственост остануваме на 119-то место, кај инфраструктурата имаме уназадување во делот на квалитетот на патиштата во државата, а исто така и кај поврзаноста на аердромите. Во ИКТ индустријата нотирано е назадување во користењето мобилен интерен, вај фај и оптички интернет, каде сме на 102, 82 односно 92 место, рече Исени.

Кај параметрите за макроекономската стабилност, дополни, годинава имаме уназадувања особено за динамиката на задолжувањето, а добро стоиме кај инфлацијата каде го делиме првото место со 88 други држави. Кај финансирањето на микро, малите и средните претпрјатија сме на 115-то место, а во банкарскиот сектор има уназадување споредено со лани, како и кај трошоците и кај времето за отворање бизнис. На 97 место остануваме во рангирањето кај капацитетите за иновативност. –  Државата се обидува да  инвестира многу особено во делот на иновациите преку Фондот за иновации и технолошки развој, но резултатите се уште не се видливи, наведе Исени.