Пред донесување на новиот Закон за работни односи здружението „Иницијатива на невработени интелектуалци – ИНИ“ од Виница, во партнерство со здружението „Надеж“ од Македонска Каменица, го реализира проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“ чии активностите се насочени кон мониторинг на работењето на Државниот инспекторат за труд.
На тркалезна маса со претставници од бизнис секторот, раководители од јавни институции и вработени се разговараше за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат работодавачите и работниците, но и како постапува Инспекторатот за да ги заштити работничките права.
– Од податоците што ги добиваме со истражувањата заклучивме дека не секаде во регионот постојат економско-социјални совети, бизнисмените не се запознати со мерките што ги дава Агенцијата за вработување, нема децентрализација во Фондот за иновации, а не постои и прецизна дефиниција кои се рурални подрачја за да се добијат субвенции за отворање фирми нив. Со споредба на бројот на претставките што се упатени до трудовиот инспекторат во однос на оние до Хелсиншки комитет и до другите граѓански организации, заклучивме дека соодносот е 1:4 во корист на вторите. Тоа говори дека треба да се зголеми довербата на работниците кон инспекторатот во однос на заштита на нарушувањето на нивните права. Статистички, во просек само 16 претставки годишно се поднесуваат до трудовиот инспекторат, иако во Виница, Кочани и во другите општини се уште има бројни прекршувања на работничките права. Доказ за тоа се полните автобуси со сезонски работници чиј труд се користи максимално во други подрачја, а тие немаат никаква заштита, изјави Зоран Биковски од здружението „Надеж“.
Заклучок од јавните дебати во Кочани и Виница е дека граѓаните, односно работниците мора да се мобилизираат и да ги осознаат своите права, а и трудовиот инспекторат е должен да ги едуцира за тоа. Истовремено, јавните институции треба да имаат повеќе слух за потребите на стопанскиот сектор и да овозможат пофер бизнис клима за сите.
Проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“ ќе се реализира до средината на ноември со финансиска поддршка од фондовите на Европската Унија.