– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вечерва изјави дека искрено посакува државата да добие датум за отпочнување на преговори со Европската унија.
Рече дека како партија ќе работат кај сестринските партии навистина тоа да се случи и државата да добие безусловен датум. Доколку датумот биде условен, тогаш, како што рече, тоа ќе значи пораз и уште една голема лага на владата на СДСМ.
– Искрено посакувам Македонија да добие датум за преговори и конечно да можеме да отпочнеме пат кон конечната цел, а тоа е Македонија да биде земја членка на ЕУ. Како политичка партија работиме во име на таа цел и посакувам датумот да биде чист. Од она што го добивам од круговите во Брисел кои испорачуваат информации кај нас, во нашата полтичка партија, ќе постои можеби определена одлука која до последен момент нема да биде јасна – дали воопшто ќе има датум, дали ќе има датум и дали тој ќе биде условен како што ниту еден аспирант досега го имал, рече Мицковски.
За преговорите за законот за јавното обвинителство рече дека засега нема официјални средби на работните групи и оти комуникацијата се одвива на ниво на документи.
Не ја исклучи можноста да се дојде до решение до 15 октомври. – Апослутно, ние работиме на тоа. Немаме официјални средби. Работиме на ниво на документи кои од едната и другата страна се разменуваат како предлози, рече Мицковски.
Додаде дека не гледа интерес кај Владата да се реши ова прашање и смета дека насила предметите што биле во надлежност на СЈО се префрлени во Државното јавно обвинителство, а јавниот обвинител им доделил овластување на обвинителите да ги застапуваат предметите пред тие да засноваат работен однос.
Вели дека како партија од почетокот немале дилема дека предметите до 30 јуни отпочнати согласно мандантот на Специјалното јавно обвинителство треба да продолжат, но оти треба на законски начин да му се предадат на државниот јавен обвинител.
До овој момент, рече дека не е повикан од обвинителката за случајот „Рекет“ за записниците кои ги презентирал на прес-конференција, а во кои, како што вели, се споменуваат имиња на високи функционери кои се на власт. Записниците, како што изјави, биле оставени во дворот на седиштето на партијата.
Рече дека за нив опција за избори се март или октомври. Сепак, како што додаде, да се причека 17 октомври дали државата ќе доибие датум за преговори, а потоа да се распишат избори и да се оди со техничка влада.