Милевски: Инвестиравме милион евра во Североисточниот плански регион

Во Североисточниот плански регион, во 2019 година Министерството за локална самоуправа финансира и 13 проекти од Програмата за рамномерен регионален развој, во вкупна вредност од над 60 милиони денари или над еден милион евра. Во Крива Паланка се реализираат повеќе проекти што го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.
Ова го изјави министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Горан Милевски на денешното официјално пуштање на пешачката патека на локацијата висока зона-стара вада.
Пешачката патека на локацијата Висока зона-стара вада е изградена и опремена во рамките на проектот за прекугранична соработка со Косово, во вредност од 100 илјади евра, од кои средствата за кофинансирање на проектот во висина од 15 отсто ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.
– Честитки за изградбата и реализацијата на овој проект, што е доказ дека општината има квалитетен тим што може да аплицира и да добие значајни проекти од Европските фондови. Министерството во овој проект кофинансираше 15 отсто од средствата, а во Крива Паланка како Министерство вложувме многу. Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој се регулира коритото на Крива Река во должина од 300 метри, за што Министерството за локална самоуправа обезбедува  7.234.000 денари.
Со средства за подрачјата со специфични развојни потреби се подготвува техничка документација за изградба на локален пат Крива Паланка-туристички локалитет Калин Камен, во вредност од 1.000.000 денари. Со средства за развој на селата се гради канализација за отпадни води за дел од село  Конопница, а Министерството инвестира 1.850.000 денари. Со проектите се решаваат приоритетни потреби на граѓаните, рече Милевски.
Истакна дека Министерството за локална самоуправа поддржува проекти што произлегуваат од потребите на граѓаните и ги подобруваат условите за живеење во градот но и во руралните населени места кои што се уште имаат потреба од изградба на патна инфраструктура, обезбедување квалитетно снабдување со вода или пак изградба на канализациски системи за одведување отпадните води.
-Рамномерен регионален развој значи подобрување и воедначување на условите за живеење на целата територија на државата, без разлика дали станува збор за урбани или рурални средини. Сите граѓани треба да имаат воедначен пристап до јавните услуги. Министерството за локална самоуправа е посветено на оваа цел, со зголемување на буџетските средства за оваа намена, но и со обезбедување на донаторска поддршка.
Во наредната година шест милиони евра од Европската унија веќе се обезбедени за приоритетни и иновативни проекти за општините.
Подготовката  на општините за изработка на проектна документација  ќе започне  оваа година, а јавниот повик ќе биде објавен во јули или септември наредната година. Министерството за локална самоуправа ги повикува општините да покажат интерес и да ги идентификуваат проектните идеи. Министерството заедно со центрите за развој ќе го олеснат процесот, со цел општините да можат максимално да ги искористат средствата што им стојат на располагање. Вредноста на еден проект ќе биде до 500 илјади евра, што значи дека помалите општини можат да настапат и  со заеднички проекти, како и со проекти во соработка со граѓанскиот и со бизнис секторот, посочи Милевски.
Рекреативната патека во должина од 868 метри  се наоѓа во урбаниот дел на високата зона-левиот брег од градот, а е изградена во рамки на проектот „Туризам без граници“.
– Овој проект општина Крива Паланка го имплементираше со општина Витина, Република Косово, во рамки на ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Косово, а дел се финансираше и со сопствено учество на општината. Во рамки на проектот беа извршени и обуки за туризам : еко туризам и онлајн туризам, како и обука за туристички водичи, поставување информативни табли со опис на културно-историското значење на 14-туристички објекти и локалитети во Крива Паланка и студиски посети на Република Црна Гора, Албанија и Србија, рече градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.