Потшарпланиското село Варвара кое изобилува со костенови дрва прв пат организираше манифестација со која се означи почетокот на бербата на костеновите плодови.
„Варвара и костените“ е насловена манифестацијата во рамки на која се одржа црковна прослава, културно-уметничната програма и заедничко гоштевање на домаќините и гостите.
– Манифестацијата започна со црковна литургија и кршење на славските колачи. Во рамки на културно – уметничката програма настапија девет естрадни уметници како и Културно – уметничкото друштво „Ристо Донев-Учителот“ од Штип. На софра беше поставен селскиот специјалитет гравче со жуле, изјави Милорад Серафимовски од месната заедница на Варвара.
Во Варвара има над 40 хектари шумски предел со костенови дрвја, во сопственост на луѓе со имоти во селото
– Во повисоките планински села како Варвара бербата на костените започнува во првата недела од октомври за разлика од пониските каде и порано може да се берат плодовите. Бербата трае до Петковден или околу 27 октомври. Од тогаш костените паѓаат сами на земја, вели Серафимовски.
Тој потенцира дека веќе подолг период луѓето од Варвара се соочуваат со кражби на костените од луѓе од други села.
– Семејствата кои имаат имот секогаш ги берат костените во овој период во октомври. Порано важеше непишаното правило дека никој не смее во октомври да собира плодови од туѓи дрвја и тоа се почитувало. Кога костените почнуваат да паѓаат на земја, се смета дека бербата веќе е завршена и дека може да се земат костени од било кое место. Сега луѓето погрешно интерптерираат и ги собираат костените, па дури и до толку многу земаат за да потоа ги нудат за продажба. Со тоа им се прави голема штета на сопствениците на костенови дрва, додаде
Костените на зелените пазари се продаваат по цена од 50 до 70 денари.