Министерот Спасовски се сретна со новиот кинески амбасадор Џанг Ѕуо

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Северна Македонија, Џанг Ѕуо.

Упатувајќи му честитки за функцијата, со желба за успешна дипломатска мисија во земјава, министерот Спасовски нагласил дека Амбасадата на Кина има континуирано активна улога во унапредување на дипломатските односи и пријателството меѓу двете земји.

На средбата, како што соопшти МВР, било изразено задоволство од одличната соработка која со години се негува, при што станало збор и за огромниот придонес што го даваат двете земји во насока на подобрување на глобалната безбедност.

Поздравувајќи ја билатералната соработка во бројни општествено-економски сегменти, Спасовски и Џанг изразиле надеж дека со засилено темпо ќе продолжи и трговската, односно севкупната економска соработка, особено кооперативноста во рамки на Процесот за соработка на 17 држави од Централна и Источна Европа и НР Кина.

Воедно, биле посочени и придобивките од отворањето на Северна Македонија, како нова и атрактивна дестинација за кинеските туристи, кои во сè поголем број ја посетуваат државата, но биле разгледани и можностите за зголемување на инвестициските активности на кинески компании во нашата земја.

Спасовски и Џанг изразиле желба за продолжување на динамиката и растечкиот тренд во развојот на севкупните односи меѓу двете земји, како и проширување на сферите на меѓусебна соработка меѓу Северна Македонија и Народна Република Кина.