По шест години пред самиот крај е изработката на иконостасот и животописот за манастирската црква „Свети Георгиј Победоносец“ во тетовска Мала Речица. Овој црковен комплекс изминативе 15 години се возобновува откако беше запален и уништен до темел во 2001 година.
Главен мајстор на резба на иконостасот е Будимир Апостолски-Пишман, кој работи со уште двајцата членови на ткн. тајфа Љупчо Христовски и Андреј Спасеновски, а им помага и Раде Наумчески. Животописот го работи Зоран Бошковски.
– Иконостасот е изработен од ореово дрво, во длабока и плитка резба. Патиниран (дрвото добива одредена светлост со боја) и заштитен е според прописите за ваков материјал. Иконостасот почнавме да го правиме во 2013 година и до 31 октомври според договорот со црковниот одбор треба да го завршиме, меѓутоа се е веќе пред крај остануваат уште неколку работи да се довршат, изјави Пишман.
Иконостасот претставува ѕид со икони и верски слики кој во православната црква го одвојува олтарот од останиот дел од црквата. Одлика се главните икони и слика од Тајната вечера во средината над царските двери (централна врата за влез во олтарот) и 12 апостоли распоредени по шест лево и десно. Крстот е највисоко поставен на иконостасот.
– Во оваа црква иконостасот е долг шест метри. Освен резба на икони, изработив крст со Распетието Исусово и царските двери во ажурна резба. Во целиот иконостас имам уникатни идејни решенија на резбите со мотиви од црквите, со флората и фауната од нашето поднебје. Под главните икони се изработени шест потпарапетни резби, објаснува резбарот Будимир, инаку автор на над 1.200 резби.
Тетовскиот резбар досега има изработено пет други иконостаси во црквите „Свети Атанасиј“ во Сараќино, „Свети Димитриј Солунски“ во Теарце, „Свети Ѓорѓи“ во Лавце и манастирската црква „Свети Атанасија“ во селото Глуво на Скопкска Црна Гора. Има работено и на реставрација на иконостасите во црквите „Свети Петар и Павле“ во Бањица, Гостиварско и „Света Богородица“ во селото Сетоле, Тетовско.
Манастирска црква „Свети Великомаченик Георгиј Победоносец” во тетовска Мала Речица се обновуваше од 2009 до 2017 година. Во октомври 2017 година беше извршено и осветувањето, а при обновата се изградени сите пропратни објекти. Изградени се конак со трпезарија, кујна и летниковец.