Руте: Северна Македонија има постигнато повеќе од Албанија

Холандија е помалку загрижена за Северна Македонија, а повеќе за Албанија, во однос на одлуката за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ оваа есен, изјави холандскиот премиер Марк Руте. Тој синоќа во Берлин се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, но според протоколот од состанокот, проширувањето на ЕУ не било на агендата.

На заедничката прес- конференција со Меркел, Руте беше прашан за ставот на неговата земја на оваа тема. Вели дека во неговата и други членки на ЕУ постои голема загриженост околу Албанија, а помала околу Северна Македонија, пренесува Дојче веле.

Во јуни годинава, холандскиот парламент веќе се изјасни против почеток на преговорите со Тирана, а претходно бараше и суспендирање на безвизниот режим со Албанија, а даде зелено светло за Скопје.

– Се прашуваме, колкав напредок е постигнат во Албанија, и поради тоа имаме повеќе загриженост. За ова ќе разговараме и со европските партнери во наредните недели затоа што навистина сме загрижени за обемот на напредокот што е постигнат. Северна Македонија има постигнато повеќе од Албанија, но ќе разговораме за тоа, рече Руте.

Германската канцеларка Меркел не се изјасни за оваа тема, но Бундестагот минатата недела и даде зелено светло на владата за почеток на преговорите со ЕУ и за Северна Македонија и за Албанија.

Освен Холандија, останува отворено прашањето за ставот на Франција во однос на одлуката која треба да се донесе на средината на месецов. Во Франција се чека претседателот Емануел Макрон лично да реши дали ќе даде зелено светло за двете балкански држави.