Парламентарното собрание на Советот на Европа доцна вчера вечер ја усвои Резолуцијата 2304 (2019) во која се поздравува напредокот постигнат на Северна Македонија од 2013 година до денес, наведувајќи во кои области посебно ќе биде следена земјата до следниот извештај за пост-мониторинг дијалогот кој продолжува и понатаму.
Резолуцијата беше усвоена по едночасовна дебата во која како ретко досега во Палатата на Европа во Стразбур, парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа беа едногласни во оценките за постигнатиот напредок на земјата, но и за тоа што преостанува да се направи, поради што беше продолжен пост мониторинг дијалогот., односно ефективно спроведување на донесените закони. Многу пофалби и за начинот на кој Северна Македонија ги реши споровите со соседите, што го наведе литванскиот парламентарец Егедиус Варенекис да зборува дека повеќе „нема македонско прашање, туку сега има македонско решение“.
Пост-мониторинг дијалогот на ПССЕ е следен посебно од Европската комисија и од земјите членки на ЕУ, со оглед дека Советот на Европа ја има надлежноста да го оценува исполнувањето на политичките, правните и демократските критериуми за членство во ЕУ. Усвојувањето на оваа резолуција доаѓа само десетина дена пред носењето на одлуката од Европскиот совет.
Сите членови на македонската собраниска делегација Бетиан Китев (СДСМ)м Никола Попоски (ВМРО ДПМНЕ) и Шпреса Хадри (ДУИ), побараа укинување на пост мониторингот, кој беше воведен во 2000 година. тг/бк/
Дописникот на МИА од Стразбур, кој ја следеше дебатата, ја пренесува во целост привремена верзија на Резолуцијата 2304 (2019)