Инфо денови во рамки на проектот за заштита на водните ресурси, со намалување на човечкото влијание врз животната средина, се одржуваат во Неготино, во рамки на проект од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција.
Општина Неготино го спроведува проектот заедно со водечкиот партнер, општина Алмопија, како и двете комунални претпријатија од двете општини. Темата на двата информативни дена, денеска и утре, е заштита на биодиверзитетот и човековото влијание, во делот на загадување на отпадните води. На ниво на држава, но пред се во Неготино.
– Се очекуваат соодветни препораки и насоки во правец на подобрување на состојбите низ конкретни решенија. Проектот одговара на прашањето, како можат локалните власти со комуналните претпријатија, да придонесат за заштита на биолошката разновидност и чувствителните еко системи, во рамките на нивните одговорности. Преку проектот е создаден чадор од активности за одржливо користење во три сфери. Водоснабдување, наводнување и канализација, рече Диме Витанов, претседател на Совет на општина Неготино.
Лолита Ристова, проектен менаџер од општината, ги презентираше проектните активности на неготинската локална самоуправа и комуналното претпријатие. Ова е втората од шесте планирани информативни сесии. Вкупната вредност на проектот е 975 илјади евра.