Пендаровски – Хависто: Очекуваме одлука за почеток на преговорите за време на финското претседавање со ЕУ

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Финска Пека Хависто, на која било разговарано за билатералните односи меѓу двете држави и евро-атлантската перспектива.

Пендаровски, информираат од неговиот кабинет, изразил увереност дека за време на актуелното финското претседавање со Советот на ЕУ, ќе биде препознаен напредокот на Северна Македонија и ќе биде вреднуван и потврден со позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

На средбата, Пендаровски истакнал дека Северна Македонија високо ја цени конструктивната, јасна и безрезервна поддршка на Република Финска на нашиот пат кон полноправно членство во Европската унија, нагласувајќи дека евро-атлантската перспектива е гаранција за просперитетот, стабилноста и благостојбата на регионот.