Осми меѓународен симпозиум на етнолози конзерватори во Битола

Етнолози конзерватори од земјава и нивни колеги од Словенија, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина денеска и во наредните денови учествуваат на Осмиот меѓународен симпозиум на етнолози конзерватори.

Според директорот на Управата за културно наследство, Ацо Костов, во оваа сфера комуникациските канали треба да се отворат и да не се предизвикуваат непотребни административно правни пречки.

– Управата за културно наследство може да помага ако неодмага или не прави административно правни пречки. Треба да ги отвориме комуникациските канали што се затворени и институциите бидат примарни како директни учесници, проектанти и надзор на објектите, нагласи Костов.

На симпозиумот во Битола, етнолозите конзерватори разменуваат стручни искуства, вршат компаративни анализи на националните законодавства и се очекува да се донесат заклучоци во функција на професијата етнолог конзерватор од правен и економски аспект.

– На симпозиумот во Битола пријавени се 30 реферати за повеќе проблеми со кои се соочуваат етнолозите конзерватори. Нашата соработка со македонските стручни лица е сеопфатна и таа се базира на размена на литература, искуства од пракса и нормативни искуства. Сите заедно, нашите трудови ќе ги публикуваме во Зборник. За жал културното наследство во овој дел на Европа е заборавен и некако во втор план, наспроти третманот во западна Европа, но токму затоа на симпозиумот во Битола посебно внимание ќе посветиме на начинот на користење на европските фондови за обнова на важни историски објекти, дворци, цркви кои ги има во нашите држави, а не се доволно зачувани или запуштени, посочи Ана Млинар, етнолог-конзерватор од Загреб.

Меѓународниот симпозиум за етнолози конзерватори го отвори градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.