Амели де Моншалан: На 15-ти октомври јасна и суштинска одлука за Северна Македонија

Францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан при обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува во Стразбур, во својство на претседавач со Комитетот на министрите, беше испрашувана и за датумот за почеток на преговорите на Република Северна Македонија, притоа таа одби директно да одговори на прашањето, велејќи дека одлуката ќе биде „јасна и суштинска“, jавува дописникот на МИА од Стразбур.

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија,  Бетиан Китев по обраќањето на францускиот државен секретар за европски прашања, и се обрати и ја праша дали земјава може да очекува поддршка од Франција за старт на преговорите со ЕУ.

– Овие последни години не беа лесни за Република Северна Македонија. Но, успеавме да најдеме компромис со Грција за името и постигнавме напредок во спроведувањето на реформите во клучните области. Со оглед на влијанието на европската перспектива за пристапување, можеме ли да сметаме на поддршката на Франција да добиеме датум за почеток на преговорите оваа есен?, праша Китев

Одговарајќи на прашањето Амели де Моншалан ја поздрави големата политичка храброст на Владата за постигнување на Договорот од Преспа, но не сакаше да ја прејудицира одлуката на 15-ти октомври.

-За состојбата во Северна Македонија, верувам дека е неопходно, многу јасно да се поздрави историската етапа што беше со Договорот од Преспа. Не сум сигурна дека има многу влади во нашиот современ свет кои се толку храбри во врска со вакви прашања на регионално помирување, да одат дури и да го менуваат името на една земја. Верувам дека навистина мора да бидеме многу цврсти и навистина да ја поздравиме политичката храброст што беше потребна за да се постигне овој договор. Јас нема да ги прејудицирам одлуките од 15-ти октомври во Луксембург. Сепак, минатиот јули, на состанокот Советот за општи работи, а потоа и Европскиот совет, се обврзаа на јасна и суштинска одлука во октомври. Од тогаш, имав многу размени со лидерите на Северна Македонија и можам да ве уверам дека работиме за да донесеме јасна и суштинска одлука , нагласи францускиот државен секретар за европски прашања, рече Амели де Моншалан.

Слично прашање, како и Бетиан Китев имаше и пратеничката од Норвешка, Лизе Кристоферсен која е и коизвестител за постмониторинг дијалогот за Република Северна Македонија, која констатираше дека ЕУ перспективата е клучна за прогресот на земјите од Балканот и запраша дали и Моншалан така гледа на ова прашање и следствено кога би бил доделен датум за почеток на преговорите.

– За Северна Македонија ќе одговорам во ист дух како и при мојот прв одговор. Во Луксембург на 15-ти октомври ќе имаме јасна и суштинска дискусија – ова се обврските што ги презедовме минатиот јули. Мислам дека е исто така важно да се направи чекор назад: преговорите за проширување и пристапување не смеат да ја кријат длабоката реалност на предизвикот со кој се соочуваме во Западен Балкан. Секако, има правни проблеми, прашања поврзани со владеењето на правото, јавните набавки, јавните услуги, но клучно за мене е како да им се обезбеди на младите во земјите од Западен Балкан економски, културен, човечки, социјален развој, така да тие остануваат во земјите каде се родени, рече францускиот државен секретар за европски прашања..

Според Амели де Моншалан, денес главната грижа над правните прашања е „како се организираме, како се однесуваме политички така што младите од овие земји да наоѓаат во своите земји средства да основаат семејство, да развиваат бизнис, да учат и на крајот да растат и тоа да вроди со плод во оние земји каде што се родени“.

-Одлевањето на мозоците, масовната емиграција од различните земји на Балканот е за мене голем предизвик, демократски предизвик, предизвик, згора на тоа, за еднаквост меѓу мажите и жените, социјален предизвик. Вашето собрание веројатно може многу да стори за да ни помогне да најдеме начини да се оди напред, заврши францускиот државен секретар за европски прашања пред ПССЕ.