ЈКП „Солидарност“ од Виница доби ново возило за собирање комунален отпад, што првенствено ќе се користи за одржување на хигиената на тесните и тешко пристапни улици во градот, како и во селските населби.
Вредноста на возилото е околу два милиони денари, од кои најголем дел се финансиска поддршка од програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а свое учество во набавката имаше и општина Виница со околу триста илјади денари.
– За краток период нашето комунално претпријатие значително го обновува и модернизира возниот парк, откако претходно беа набавени уште две машини за одржување на хигиената на јавните простори. Новото возило ќе помогне во исполнувањето на обврската за собирање на отпадот во населените места Драгобраште, Трсино и Пеклани, за што одлука беше донесена на последната седница на општинскиот Совет, истакна Александар Трајков, директор на ЈКП „Солидарност“.
.Комуналното возило го обезбеди општина Виница преку проектот „Унапредување на општинското владеење“ што е финансиран од фондовите на ЕУ, а го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии.
Во рамките на овој проект е изработен и интегриран план за локален развој на општина Виница за периодот 2019-2023 година.