Тендер за реконструкција на патот Фариш – Дреново

Тендер за реконструкција на патот Фариш – Дреново ќе биде распишан денеска или утре, којшто би завршил до средината на месецов по што најдоцна до почетокот на ноември ќе стартуваат работите со коишто ќе се обноват најоштетените делови на оваа делница во должина од 10 километри, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Според него, паралелно со обновата на патот, се преземаат активносто што поскоро да се распише тендер за нова фирма што ќе ги гради преостанатите 65 проценти од новата делница Фариш Дреново, откако  неодамна беше раскинат договорот со шпанската фирма „Рабау“  со којашто ќе има арбитражна постапка.

– Со арбитражната постапка ќе видиме кој е во право, дали Јавното претпријатие за државни патишта  или фирмата. Согласно со аргументите што ги имам од Јавното претпријатие сите аргументи се на страна на државата и очекувам во нејзина корист да биде арбитражата, изјави Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања.

Изградени се 35 проценти од патот и како што информираше, се работи интензивно да се согледаат сите моменти за да се распише што побргу тендер за преостанатите.

– Очекуваме  по изборот на  фирмата да има силна динамика и да продолжи интензивно да се работи на патот од Фариш до Дреново, најави Сугарески, информирајќи дека ќе има тендер и за патот од Фариш до Прилеп.

Како што образложи неодамна директорот на ЈПДП Зоран Китанов, шпанската компанија побарала раскинување на договорот поради неисплатена последна фактура, што, како што вели, не е пракса никаде. Од наша страна е побарано раскинување поради недоставување програма за работа, слаба реализација и напуштање на градилиштето, што ќе се докажува на арбитража. Тендерот на преостанатите 65 километри, според Китанов, ќе биде со поригорозни критериуми и се очекува работата да почне во средината на март следната година .