Собраниска делегација на есенската сесија на ПССЕ во Стразбур

Македонската парламентарна делегација, во состав Бетиан Китев, Никола Попоски и Шпреса Хади, учествува на есенската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што од денеска до петок се одржува во Стразбур.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, она што е интересно на оваа сесија е презентацијата на извештајот за пост-мониторинг дијалогот со земјава.

Инаку, утре пред пратениците од 47 земји членки на Советот на Европа ќе говори францускиот претседател Емануел Макрон, по што е предвидено да одговора и на пратенички прашања.

Пред ПССЕ свои обраќања ќе имаат и француската државна секретарка за европски прашања и актуелен претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа, Амели де Моншалин и новоизбраната генерална секретарка на најстарата паневропска Организација, Хрватката Марија Пејчиновиќ Буриќ.

За време на сесијата, се очекува да биде објавен и добитникот на Наградата за човекови права „Вицлав Хавел“ за 2019 година, а пратениците ќе се фокусираат на заштитата на свиркачите, на заедничките стандарди за институциите на народниот правобранител, на заштитата на жртвите од тероризам, како и на зачувувањето на еврејското културно наследство. ПССЕ ќе се осврне и на извештаите за бегалците од климата и емиграцијата на работната сила од Источна Европа, како и за акушерско и гинеколошко насилство.

До раководството на ПССЕ е доставено барање за итна расправа на тема „Повреда на демократските права и репресија на мирни демонстрации во Руската Федерација во контекст на изборите во градскиот совет во Москва“, а предвидена е расправа и за функционирањето на демократските институции во Молдавија, како и за Извештајот за придонесот на Банката за развој на Советот на Европа во создавањето поинклузивно општество.