Пендаровски оствари средба со Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски со НАТО

Претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со шефот на Канцеларијата за врски со НАТО, Зоран Јанковиќ, истакна дека со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО ќе биде заокружена една од главните стратешки определби на државата, што ќе придонесе за нејзиниот севкупен развој, и позитивно ќе се одрази за стабилноста и просперитетот на регионот.

Од Кабинетот на претседателот соопштија дека тој на средбата со Јанковиќ изразил очекување за скорешно завршување на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на земјите-членки, со што Република Северна Македонија ќе стане 30-та членка на најуспешната воено-политичка Алијанса.

– Пендаровски ја истакна улогата на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје во процесот на пристапување на Северна Македонија во НАТО и исполнувањето на критериумите и стандардите за полноправното членство, наведоа од Кабинетот.

Претседателот и шефот на Канцеларијата за врски со НАТО на средбата размениле мислења за актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и за соработката на државата со НАТО, а во контекст на аспирациите за членство во Алијансата.

Во август годинава, за време на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на Армијата на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски ја одликуваше Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје, со Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош на Република Северна Македонија во процесот на пристапување и исполнување на критериумите и стандардите за остварување на полноправното членство во НАТО.