Коѕијас: Разговорите во Давос ќе покажат во која насока се движиме

Блиску сме до одредени прашања за решение, а разговорите во Давос ќе покажат во која насока се движиме, смета шефот на грчката дипломатија и вели дека е потребно дополнително да се разработат одредени прашања за да се зборува за конкретен временски рок за решение.

Говорејќи пред грчките новинари во Брисел, по Советот за надворешни прашања на ЕУ, Никос Коѕијас, јавува дописникот на МИА од Атина, ги коментира и последните случувања во македонско – грчките односи, но и вчерашните демонстрации во Солун.

– За временски рок потребно е да има уште разработка. Блиску сме до одредени прашања за решение. Мислам дека одредени теми за кои ќе се разговара во среда на 24 јануари во Давос, ќе покажат каде се движиме, вели Никос Коѕијас, во однос на тоа дали постои временска рамка за решение, а паралелно отфрла секаков вид на притисок врз Атина или мешање од трети страни.

– Никој не не притиска, ниту пак дозволуваме некој да не притиска. Се разбира, грчката дипломатија го користи притисокот што го има другата страна за да се отвори нејзината европска перспектива. Ова нас не не притиска, коментира министерот за надворешни работи на Грција, пренесува МИА.

Според Коѕијас, преговорите што се водат меѓу двете земји за името биле олеснети со фактот што Европејците и Американците сфатиле дека не треба да се мешаат.

Министерот за надворешни работи на Грција, за грчките дописници во Брисел рече дека официјална Атина нема да дозволи Македонија да се интегрира во НАТО доколку не се задоволат потребните услови и ако не се реши прашањето за името, а потенцираше дека во минатото не постоело вето, туку за проширувањето на северно атлантскиот потребен е консензус.

Прашан за вчерашниот протест, шефот на грчката дипломатија вели дека тоа демократско право на граѓаните, не влијае на преговорите за името, а во истиот контекст го споменува и иредентизмот.

– Одѕивот на протестот беше израз на демократското функционирање на државата, беше израз на агонијата на многу Грци кои понекогаш погрешно, преговорите за името ги идентификуваат со судбината на грчката Македонија и беше еден протест кој дополнително ги развива облиците на јавна дебата. Но, мислам дека нема влијание во преговорите за името и во иредентизмот на соседната земја. Што се однесува на иредентизмот, очигледно е дека секој израз што го осудува иредентизмот, дејствува поддржувачки. Во однос на името , тоа ќе го решиме врз база на идните перспективи на стабилност во регионот, улогата на грчката дипломатија и потребата нашата земја да игра една водечка улога во регионот, рече од Брисел, Никос Коѕијас, пренесува МИА.