Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) ќе се одржи денеска во Собранието и таа ќе претставува заокружување на двегодишниот граѓански форум преку кој се отвори транспарентен дијалог за прашања поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија.
На оваа пленарна сесија се очекува да бидат презентирани главните резултати од работата на НКЕУ–МК посветена на четири поглавја од претпристапните преговори со ЕУ – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), Социјални политики и вработување (Поглавје 19), Законодавство и човекови права (Поглавје 23) и Правосудство, слобода и безбедност (Поглавје 24).
Поздравно обраќање на настанот ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, поранешниот член на Европскиот парламент и поранешен министер за надворешни работи на Република Словачка, Едвард Кукан, како и претседавачката на Конвенцијата, Милева Ѓуровска.
По отворањето ќе почне панел-дискусија на тема „Како против корупцијата“, а на неа ќе се обратат поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова Трајковска, советникот за кривична правда Марион Лангфорд, јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Во рамките на сесијата ќе биде промовирана и публикацијата „Книга на препораки на НКЕУ-МК“, која ги содржи заклучоците и препораките за перспективите во претпристапните преговори.
Во текот на две години Националната конвенција за ЕУ успеа да создаде нова вредност во евроинтеграциските процеси, развивајќи и имплементирајќи стратегија за заедничко дејствување на сите релевантни чинители: Владата, институциите, граѓанските здруженија, претпријатијата, синдикатите, универзитетите, локалните власти, фармерите…