Прилепски „Комуналец“ почна да го обновува возниот парк стар со децении

Прилепски „Комуналец“ денеска доби ново возило за комунален отпад, а наскоро и хидраулична преса со што ќе се подобрат услугите на ова јавно претпријатие. Возилото во воредност од околу 61.500 евра, како и  хидрауличната преса во вредност од 60 000 евра, се добиени со финансиска помош од ЕУ преку проектот „Био-реал“.

Комуналното возило денеска го испорача добавувачот „Каргомакс Ивеко“. Претставникот, Филип Христов, очекува долго да им служи на потребите на граѓаните и на претпријатието.

-На прилепското јавно претпријатие „Комуналец“ му предаваме специјално возило за собирање комунален отпад  со волумен од седум метри кубни. Се надеваме возилото долго ќе служи за добробит на сите граѓани, рече Христов.

Ирена Станкоска, в.д директор на прилепски „Комуналец“ вели дека е најбитно обновувањето на возниот парк на претпријатието кое по 10-ина години добива ново возило.

-Благодарение на ЕУ и проектот „Био-реал“, ЈКП „Комуналец“ по околу 10 години првпат добива ново возило, кое ќе им служи на потребите на граѓаните и на претпријатието. Со ова ново возило и со другите кои ќе ги набавиме и со поддршката на локалната самоуправа ќе може да го подигнеме квалитетот на услугите, да ги заштититиме животната средина и амбиенталниот воздух, рече Станкоска.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски најавува обновување на возниот парк на претпријатието за што се планирани средства од локалниот буџет.

-Наскоро ќе биде набавена и хидрауличната преса за различен материјал (метал, хартија, картони, полиетиленски материјал) кој што понатаму ќе се рециклира. Тоа ќе значи полесен превоз на пресираниот маетеријал. За в година, во општинскиот буџет се предвидуваат средства за обновување на возниот парк на „Комуналец“, рече Јованоски.

Прилеп за брзо време ќе распише и јавна набавка за комунално специјално возило со носивост 13 метри кубни, исто така, финасирано од ЕУ-фондовите во вредност од 100.000 евра.

Со сопствени средства, пак, од Инвестициската програма од Општината и со средства од „Комуналец“ годинава и во почетокот на наредната година, планирано е да се набават: специјално комунални возило со носивост од 5 – 7 метри кубни, возило за подигнување контејнери, камион-кипер за градежен шут и други видови тешки отпадни материјали како и цистерна за миење на улиците и за полевање на парковските површини, зашто двете цистерни со кои располага „Комуналец“ е од пред 40-ина години.

Планот на прилепската локалната самоуправа и на комуналното претпријатие е до 2022 година во целост да се замени возниот парк.