Поради зголемениот интерес за изградба на објекти за домување и за стопански намени, локалната самоуправа на Кочани пристапува кон измена и проширување на годишната програма за уредување на градежното земјиште во државна соптвеност.
Според веќе изготвениот план, до крајот на оваа година ќе се понудат на продажба уште осум парцели со вкупна површина од 3.800 квадратни метри за изградба на објекти за индивидуално домување, како и три градежни парцели со слична површина наменети за лесна индустрија и за капацитет за откуп и примарна обработка на земјоделски производи.
-Продажбата на парцелите ќе биде објавена идниот месец и очекуваме да ги задоволи барањата на инвеститорите кои извесен период чекаа на ваквата можност. Најголем дел од земјиштето за индивидуално домување што ќе се најде во понудата е во населбата Драчевик, додека стопанствениците ќе можат да купат парцела во месноста Белски Дол и Виничка Вада, истакна Александар Јосифов, секретар на Општина Кочани.
Со планираната продажба во општинскиот буџет треба да се слеат околу половина милион денари, со што ќе се обезбедат дополнителни средства за реализација на прогармата за уредување на градежното земјиште.
Последната понуда на државно неизградено земјиште беше успешно реализирана на почетокот на годината кога локалната самоуправа продаде седум парцели за индивидуално и колективно домување, како и три градежни плацеви за викенд куќи на Пониква при што беше остварен нето приход од околу 15 милиони денари.