Продолжува трендот на стабилни откупни цени во Струмичко

Продолжува трендот на стабилни откупни цени на градинарските производи во Струмичко. Пиперката „ајварка“ речиси еден месец се откупува од 18 за рефус и 25 денари за килограм прва класа, а стабилни се и откупните цени на другите култури.

Според откупувачите, трендот на стабилни откупни цени се должи на намаленото, но квалитетно производство, но и поради интересот за струмичките градинарски производи, посебно за „ајварката“.

-Засега најмногу  се бара црвената пиперка за ајвар. Јас откупувам исклучиво прва класа по цена од 25 денари за килограм и ја пласирам на пазарите во ЕУ. Засега нема никакви проблеми и се надевам дека така ќе биде до крајот на сезоната за пиперката, рече Ацо Стоилков, откупувач од Струмица.

Додава дека во овој период се откупува и зелката по десет денари за килограм и дека за неа имало интерес.

Според информации од земјоделските производители, во Струмичко дневно се берат и се извезуваат околу 500 тони пиперки засадени на отворено и под пластеници.

-Покрај „ајварката“ добра откупна цена држат доматите, кои се откупуваат од 20 до 30 денари за килограм и краставиците, чија откупна цена е 20 денари, информира Коце Божиков, земјоделец од село Дабиле.

Пиперката „ајварка“ и останатите градинарски култури  се извезуваат во Хрватска, Србија, Романија, Бугарија, Грција и други земји, а покрај странците големи количини откупуваат и домашните фабрики.