„Златна камера 300“ за француската кинематограферка Хелен Лувар

„Златна камера 300“ на 40. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ меѓу 12 филма во конкуренција освои франуцуската кинематограферка Хелен Лувар  за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“.

„Сребрена камера 300“ доби Џинсонг Донг од Кина, кинематографер на филмот „Езерото на дивите гуски“, а  со „Бронзена камера 300“  е награден Даниеле Ципри од Италија, кинематографер на филмот „Пирани“.

На свеченото затворање на јубилејниот фестивал во Битола му беше доделена и наградата за животен опус на грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, која му ја врачи директорката на ИФФК, Гена Теодосиевска.

Добитниците на трите награди од натпреварувачката селекција не присуствуваа на доделувањето поради други професионални обврски.

Одлуката за наградите ја донесе меѓународно стручно жири во кое членуваа  Ед Лакман од САД, Калојан Божилов од Бугарија, Доминик Велински од Франција, Ненад Дукиќ од Србија и Фејми Даут од Северна Македонија.

Во нивното образложение за првонаградената Лувар е наведено дека кинематограферката „маестрално ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни“.

Беше доделена и „Мала златна камера 300“ од категоријата краток филм која и беше врачена на Констанца Сандовал од Аргентина.

Во чест на наградените почна специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“ чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски, кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.