Со поддршка од Светска банка ќе се јакне одржливоста на јавните финансии и ќе се подобрува конкуретноста

Светска банка со заем од 125 милиони евра ќе и помогне на државава да ја зајакне одржливоста на јавните финансии и да ја подобри конкретноста на пазарот. Заемот е одобрен денеска од страна на Бордот на извршни директори на Светската банка.

Оттаму информираат дека со заемот за развојни политики ќе се поддржат реформите насочени кон подобрување на управувањето и транспаретноста на јавните финансии и поефикасна јавна потрошувачка.

– Заемот поддржува реформи во енергетиката преку либерализација на енергетскот сектор и зајакнување на обновливите извори. Исто така, ги подобрува јавните набавки преку зголемување на пристапот на понудувачите од приватниот сектор на јавни тендери и зајакнување на пазарната конкурентност, како и преку воведување на инспекции базирани на ризици кои ќе го намалат времето кое компаниите го поминуваат во работа со инспекциите, појаснува Светска банка во денешното соопштение.

Според регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, фискалната конкурентност е од витално значење за поддршката во долгорочен раст. – Постепената фискална консолидација и реформите во конкурентноста поддржани преку оваа операција имаат за цел да ја зајакната внатрешната и надворешна доверба, заштитат од надворешни шокови и да го забрзаат долгорочниот раст, вели Ван Гелдер.

Средствата се доделуваат во една транша преку заемот за развојни политики со рок на доспевање од 12 години и четири години грејс период. Каматната стапка е EURIBOR плус 0,50 процентни поени.

Заемот за развојни политики е инструмент на Светската банка кој ги поддржува политиките и институционалните активности во земјата кои промовираат раст и одржливо намалување на сиромаштијата.

Од првиот заем во 1993 година, Светска банка има инвестирано во државава повеќе од две милијарди долари. Реализирани се 66 проекти во енергетиката, патната инфраструктура, земјоделството, здравството, образованието, социјалната политика, иновациите и вештините. Преку ИФЦ, членка на Светска банка, пак, обезбедени се околу 400 милиони долари во 19 проекти во финансискиот сектор, енергетиката, телекомуникации, фармацевтски сектор, текстил, малопродажба, производство и автомобилската индустрија.