Во Прилеп промоција и дебата каде е македонскиот автор

Со промоцијата на романот на Трајче Кацаров „Како станав Амадеус“ почна со работа читалницата во прилепската библиотека „Борка Талески“ која во летниот период поради високите температури и ретката посетеност беше затворена.

На промоцијата на делото на Кацаров меѓу присутните автори, новинари, посетители и младите читатели се разви дискусија за актуелните теми: каде е македонскиот автор, зошто не е доволно застапен, кои се причините што повеќе се бараат странските дела, колку младите читаат и како да се зголеми литературната култура.

Ова е четврт роман на Кацаров „Како станав Амадеус“, кој првпат се промовираше во Прилеп.

– Во романот „Како станав Амадеус“  главната тема е еден човек кој поминува низ повеќе етапи на своето живеење, но издиктирани од општествените услови. Главната личност се јавува денес, но се сеќава на времето кога бил во ЈНА, кој се заколнал дека ќе ја брани татковината како зеницата на своето око. Таа ситуација зборува за колективен сон од кој на крајот на романот сите се будиме на различен начин: граѓаните на Република Северна Македонија на свој, како и Словенците, Хрватите, Србите, се будат на свој начин. Но, кај сите останува заедничкиот, колективен сон на кој се сеќаваме кога ни е најтешко, зашто тоа беа совршени моменти, објаснува Кацаров.

В.д. директорката на библиотеката Моника Талеска изјави дека со промоцијата на „Како станав Амадеус“ почна серијата промоции на дела на македонските автори на, како што рече, нов, привлечен начин за читателите и за заинтересираните.

– Не станува збор за класична промоција кога за делото говорат само промоторот и авторот, туку ова е промоција – дебата, нов начин на промовирањето на делата на македонските автори. Целта е да ги анимираме интелектуалците, љубителите на пишаниот збор, граѓаните во присуство на младите, учениците од прилепските училишта. Сите присутни и соговорници, писатели, новинари, млади и вљубеници во пишаниот збор, испратија силни пораки. Тоа значи: да се менува системот на образованието и повеќе да бидат застапени роднокрајните, односно македонските автори во задолжителната лектира, да го ставиме акцентот на негувањето на македонската книжевност и култура, рече Талеска.

На таков начин, според неа, младите многу повеќе се во допир со современиот македонски литературен јазик.

– Медиумите да го зголемат просторот за промоција и анализа на делата на македонските автори, ја акцентиравме македонската книжевна критика, а македонските издавачи да не бидат инертни и пасивни, туку да бидат активно вклучени во промоција во национални рамки на делата на македонските автори што ги издаваат, рече Талеска.

Вкупниот книжевен фонд во библиотеката „Борка Талески“ брои околу 130.000 библиотечни единици и има од 5.000 до 5.500 членови. Бројот нас читателите континуирано расте и најмногу се бараат странските бестселери. Во набавките библиотеката настојува рамноправно да ги застапи делата на македонските автори.