Прашањето за транспарентност на Министерството за одбрана е поврзано со прашањето на интегритетот, а борбата против корупцијата бара систем кој ќе создава препреки за каква било злоупотреба на службената должност.
Ова денеска пред највисокото раководство на МО и АРМ го порача министерката Радмила Шекеринска на отворањето на обуката за градење интегритет која е во организација на Министерството за одбрана, во соработка со Обединетото Кралство, а предавачи се експерти за градење интегритет од Академијата за одбрана на Обединетото Кралство
– Задоволна сум што успеавме за релативно кусо време да го создадеме и оној дел од веб-страницата на Министерството кој што се вика „Јавноста има право да знае“, зашто навистина е така, јавноста има право да знае што правиме со стратешките цели во државата. Јавноста има право да знае што правиме со парите кои што граѓаните ги одделуваат и ги плаќаат во буџетот на Македонија. Транспарентноста не е секогаш лесна, секогаш доаѓа со одредена цена, но на долг рок секогаш позитивно се враќа, истакна Шекеринска.
Според неа, транспарентноста не секогаш ќе биде дочекана со аплауз, и дека ќе изгледа дека таа го направила денот посложен.
– Мора да се знае дека нашата задача не е спринт на сто метри, туку маратон, а во тој маратон транспарентноста е подобрата политика, додаде министерката.
Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Пол Едвардс, истакна дека процесот на градење интегритет бара култура на работење во која секому ќе му биде јасно дека секоја одлука која се носи на дневна база, треба да биде за доброто на сите граѓани, а не на малкумина од раководството. Додаде дека интегритетот бара чесност и соочување со корупцијата, а зборувањето на вистината пред претпоставените е еден од елементите на градењето на култура на интегритет.
Обуката за градење интегритет трае до петок, а ќе бидат опфатени предавања и вежби на повеќе теми како однесување на службениците, лидерски предизвици и воено-политички ризици, менаџмент со финансии, ризици од корупција во делот на логистиката и набавките, ризици од корупција во менаџирањето на човечките ресурси, медиуми и стратегиска комуникација, предизвици од промените и слично.