Владата ги анализира предлозите на Нимиц

Владата на Република Македонија работи на анализа и консулатации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за  името, потврдија од Владата за МИА.

– Владата на Република Македонија веќе работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц. Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, се наведува во изјавата од Владата за МИА.

Во меѓувреме, грчката ТВ ЕРТ објави дека посредникот на Обединетите нации во спорот за името Метју Нимиц, во следните десет дена ќе ги посети Атина и Скопје. ЕРТ потсетува на изјавите на Нимиц дека е оптимист оти проблемот за името на Македонија може да се реши во следните шест месеци.

Прашањето за името се очекува да биде на маса на првата директна средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во среда во Давос, Швајцарија.