САД се надеваат дека Европскиот совет на 16 октомври ќе донесе одлука за отпочнување на пристаните преговори со Северна Македонија, изјави новоименуваниот американски специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер во интервју за Гласот на Америка.
– Европската комисија предлагаше отпочнување на преговори за членство со Скопје во последниве девет или десет години по ред. На нашите европски партнери јасно им ја пренесовме нашата позиција. Сметаме дека (отпочнувањето на преговорите) би било многу корисно, вели Палмер.
Сепак, според него, и земјава мора да продолжи со спроведувањето на реформската агенда, вклучително и носењето на нов закон за јавното обвинителство.
– За ова прашање во Скопје се водат консултативни преговори. Ние би сакале да соработуваме со Владата на Северна Македонија во поддршка на реформската агенда. Би сакале да и помогнеме на земјата да напредува, додава Палмер.
Тој истакнува дека САД се надеваат оти земјава многу брзо ќе стане 30-та членка на НАТО.
– Идеално за тоа би бил почетокот на декември, потенцира американскиот специјален пратеник за Западен Балкан.
Палмер во интервјуто говори и за односите меѓу Косово и Србија, при што нагласува дека Приштина треба да ги укине увозните тарифи за српски производи, на што Белград би требало да одговори со „суспензија на кампањата за повлекување на признавањата на косовската независност“, со што би се поставиле основи за обнова на преговорите меѓу двете страни за постигнување договор за регулирање на меѓусебните односи. Тој се осврнува и на потребата од надминување на политичката криза во Албанија, како и на прашањето поврзано со засиленото кинеско присуство во земјите од регионот.