Здравствениот дом во Валандово ќе добие нов ехо-апарат

Здравствениот дом во Валандово почнува со имплементација на проект од ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција од кој ќе добие нов ултразвучен апарат (ЕХО) и пет уреди за мешање струи со вакуумска електрода за потребите на физикалната медицина.

Покрај ова, со средствата што проектот ги обезбедува за валандовскиот здравствен дом  предвидено е да се набави нова котелска постројка која ќе овозможи парното греење да се пренамени од нафта на пелети, биохемиски анализатор и хематолошки бројач за лабораториско-дијагностичката дејност.

Од јавната здравствена установа потврдија дека од расположливите средства за потребите на физикалната медицина ќе бидат набавени ласерска машина како и уред за електрична стимулација.

За набавка на медицинската опрема за потребите на валандовскиот здравствен дом, од ЕУ фондовите се одобрени 5,25 милиони денари, од кои дел ќе бидат наменети и за купување на едно возило за посети во рурални подрачја.