Пожарите во Прилепско и во Долненско се локализирани и се ставени под контрола, но надлежните остануваат на теренот и контролираат да не се разгорат повторно, велат извори од прилепскиот Кризен штаб, кој изутринава одржа состанок.
Последно, околу 200 пожарникари и доброволци до изутрината се бореа со огнената стихија кај селото Селце и манастирот „Свети Димитрија“, што од вчера се прошири до блиската борова шума и до месноста Шаторов Камен.
Во гаснењето беа вклучени и авиони. Изутрината се вклучија и ловџиите од друштвото „Мукос“ со две возила за да помогнат во локализирање на пожарот. Ноќеска се сузбиваше и пожарот што вчера попладнето избувна и кај селата Лагово и Тополчани.
Според Методија Николоски од прилепската Противпожарна единица сите пожари се под контрола.
– Моментно пожарите во Прилепско се под контрола. Последно беше ставањето под контрола на пожарот кај селото Селце во околината на манастирот „Свети Димитрија“ до месноста Шаторов Камен. Денеска имаме екипи на теренот за да ги контролираат жариштата со цел пожарот да не се активира, изјави Николоски.
Овие пет дена напорно со големи човечки ресурси се работеше на сузбивањето на пожарите, а секако и со помош од соседните Битола, Крушево, Кавадарци, нагласуваат од Кризниот штаб.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека пожарите се подметнати, но се уште нема осомничени. Градот ги забрани ученичките екскурзии и строго ќе го контролира движењето низ шумите. Вчера мораше да се евакуираат и 500 основци кои беа на еднодневна екскурзија кај манастирот „Свети Димитрија“.
– Проценката на експертите е дека ова се подметнати пожари од несовесни граѓани кои не знаат или не сакаат да знаат кои се последиците. Вчера имаше деца од ОУ „Климент Охридски“ на еднодневна екскурзија во манастирот „Свети Димитрија, па моравме да ги евакуираме. Од денеска се забранети сите еднодневни екскурзии од основните и од средните училишта. Ќе ги преземеме и сите мерки за евентуално избегнување на нови пожари во Општината. Досега нема осомничени за подметнување на пожарите, но полицијата има зголемена активност за да ги открие, рече Јованоски.
За една недела во Прилепско и Долненско имаше преку 10 пожари, од кои пет до шест големи. Во гаснењето беа вклучени околу 600 пожарникари, доброволци и помош од соседните општини. Во сите пожари во Прилепско и во Долненско беа опфатени околу 500 хектари со нискостеблеста шума со трева, смреки, чалии, а на пет отсто од површините е уништена борова шума.
Во овој период имаме програма за пошумување. Во тек е набавката на 1.070 садници за пошумување во околината на Прилеп во текот на октомври и ноември.