– Во Градската општа болница „8 Септември“ се финализира инсталацијата на нов линеарен акцелератор за малигни заболувања. Како што информира Министерството за здравство, станува збор за врвна технологија за третман на малигните заболувања.
Според Министерството, апаратот е од еден од водечките светски производители и претставува најдобра платформа достапна на пазарот во оваа област.
-Пред инсталацијата на апаратот, изграден е комплетно нов бункер за што се обезбедени 58 милиони денари од буџетот на Министерството, соопштуваат од Министерството за здравство.
Како што појаснуваат во соопштението, линеарниот акцелератор овозможува максимална прецизност во планирање и изведување третмани, имајќи предвид дека насочувањето на третманскиот зрак се врши со рубини, додека кај сите останати апарати се врши со огледала.
Со примената на оваа технологија, од Министерството информираат дека се овозможува управување со радиотераписките процедури, планирање и креирање распореди, резервација на термини, следење на пациентите, следење на реализацијата на третмани, креирање електронски записи за историјата на болеста, ревизија и споредба на сликите добиени со електронскиот портал-детектор на акцелераторот, со сликите добиени од системот за планирање на третманот.