Пендаровски:Без луѓе од еснафот да не се оди на преговори во Брисел

Постои предрасуда во земјава дека претседателот нема врска со економијата. Но, јас во наредниот период планирам да зборувам за тоа што е можно повеќе, зашто  економијата е апсолутен приоритет за државата и за граѓаните, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на работниот состанок со Советот на странски инвеститори во Стопанската комора на Македонија.

Пендаровски нагласи дека неговиот економски тим е комплетиран и ги повика компаниите да ги доставуваат кога сакаат сите нивни предлози, сугестии и идеи во насока на подобрување на состојбата.

Осврнувајќи се на пристапните преговори со ЕУ за кои, како што рече, очекуваме да добиеме датум кон средината на идниот месец, шефот на државата потенцира дека без луѓе од еснафските здруженија неможе да се оди на преговори во Брисел.

-Нема сфера во општеството што не е поврзана со економијата. Во преговарачките тимови ќе мора да има луѓе од еснафот. Наскоро стануваме и членка на НАТО, а тоа значи дека перцепцијава за земјава нагло ќе се смени, ќе се зголеми довербата кај инвеститорите зашто ќе не гледаат како предвидлива дестинација за вложување, истакна Пендаровски.

Пред инвеститорите, тој уште еднаш го повтори ставот во врска со владеењето на правото. Подвлече дека случајот „Рекет“ и која било друга афера, мора да се реши до крај, без никакви влијанија на политиката, бизнисот,…

-Мора да докажеме дека нема селективна правда. Колку и да се чинат безначајни аферите, многу е битно правосудството да ги истера до крај, да има целосна и брза реакција, за предметите да не се влечкаат по судските коридори со години, порача претседателот.

Тој им вети на стопанствениците дека при секоја посета надвор ќе бидат соодветно претставени,  а кабинетот на претседателот ќе настојува постојано да бидат вклучени во изготвувањето на секое ново законско решение што е од нивен интерес.

Претходно, претседателот на Советот на странските инвеститори Штефан Петер накусо образложи кои се целите и приоритетите на Советот.

-Сакаме да бидеме глас на бизнисот, да привлечеме инвеститори со поедноставување на правилата  и поголема предвидливост. Промовираме корпоративно владеење и етичко работење, сегменти кои тука понекогаш недостасуваат. Се залагаме и за конкурентност преку отворен дијалог со властите, рече Петер.

По обраќањата на Пендаровски и Петер предвидена е дискусија во чии рамки компаниите ќе изнесат свои видувања, оценки и евентуални забелешки во однос на актуелната деловна клима во земјава.