Во Кривичниот суд неделава закажани се шест рочишта за предмети на Специјалното јавно обвинителство.
Во Судот утре треба да се одржат рочишта за „Труст“, Шпион“ и „Транспортер“.
Судењето за предметот „Труст“ минатата недела беше одложено поради влошена здравствена состојба на второобвинетиот во случајот Василије Авировиќ. Првоосомничен во „Труст“ е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои управителите на фирмите „Транспемт“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ за учество во тендер на Електрани Македонија. Според обвинението на СЈО осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Во предметот „Шпион“ меѓу обвинетите 18 лица се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во Управата за контраразузнавање Александар Диневски. Последното рочиште што беше закажано минатиот месец беше одложено, поради неприсуство на Маријан Ефремов, кој е еден од осудените во овој случај.
За предметот „Транспортер“ закажани се две рочишта, во вторник и во четврток. Во овој предмет обвинети се поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.
В среда, на 24 јануари треба да почне судењето за предметот „ТНТ“ кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Во овој предмет обвинети се седум лица меѓу кои, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
На 26 јануари, во петок закажано е судење за предметот на СЈО „Тарифа“ во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.