Опозицијата предлага четири сценарија за избор нов јавен обвинител за организиран криминал и корупција

Истото обвинителство, со нов обвинител за организиран криминал и корупција кој може да е и професор, е одговорот на ВМРО-ДПМНЕ до владиниот тим за предлогот за законот за Јавно обвинителство. Опозицијата смета дека треба само да се смени обвинителката Вилма Русковска и понуди четири сценарија за избор на новиот обвинител и во сите понуди ВМРО-ДПМНЕ го има последниот збор за изборот.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим, вчера рече дека досегашниот стандарден модел треба да се задржи да остане обвинителството за гонење на криминал и висока корупција како единствено, неподелено обвинителство. Според него, самото превземање од страна на ова обвинителство на надлежностите на досегашното специјално јавно обвинителство доколку се донесе закон за истото да вклучат и методологија за избор на новиот обвинител за организиран криминал при што опозицијата, Собранието и Комисијата за избори и именување ќе имаат битна улога.

-Во однос на самиот избор предлагаме методологија која што ќе даде сигурност дека нема власта да го има последниот збор и да избере владино подобен обвинител од типот на госпоѓата Русковска, туку опозицијата предлага од оние кои што ќе конкурираат за тоа обнинителство една личност, доколку тој предлог не помине се повторува постапката уште еднаш, доколку теоретски и тој предлог не помине тогаш опозицијата и владејачкото мнозинство имаат можност заеднички да предложат личност  до Советот на јавни обвинители, доколку и тоа не се случи тогаш опозицијата го задржува правото да предложи тројца кандидати до Советот за јавни обвинители кој што ќе одлучи согласно високите стандарди во законот кој од нив би бил избран за обвинител за организиран криминал и корупција, истакна Милошоски.

Опозицијата смета дека за изборот за обвинител освен од обвинителската  фела  би можеле да бидат номинирани компетенти лица и од академската сфера кои што имаат соодветно искуство во кривично-правната материја, односно професори.

Премерот Зоран Заев вчера рече дека не е запознаен со предлогот но нагласи дека секој предлог е вреден за внимание, како и тоа дека не треба да се дозволат ситуации каде политичарите и партиите ќе менуваат обвинители кога ќе им текне и да се договараат за нешто што е недозволиво.

– Не треба да дозволиме – седнале лидерите, партиите кога ќе им текне за да менуваат обвинители. Вилма Русковска има мандат од четири години, досегад  е  обвинител десет месеци. Вилма Русковска води многу предмети, лично таа и нејзиното обвинителство. Едни се настаните од 27 април и многу други и тоа е уште една причина буквално да не испраќаме порака дека политичарите меѓусебе тајно на работни групи се договараат каде што има допирни точки, таму каде што е недозволиво, а тоа е во делот на независното правосудство, изјави Заев.

Во однос на нова лидерска средба, премиерот Заев рече дека ќе чекаат сигнал од работните групи па потоа дали со нив како лидери на двете најголеми партии или само работните групи потребно е да се реши тоа прашање кое, според него, е важно да се обезбеди континуитет на предметите и оти тоа е минимум очекување и од граѓаните и од Европската унија.