На празникот Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Голема Богородица тргнавме од Охрид, преку Лескоец да го посетиме и да бидеме дел од големиот народен собир кај црквата посветена на Света Богородица во селото Скребатно. Ова напуштено македонско село во кое денес никнат нови куќи е скриено како во гнездо во пазувите на планината Петрино, на десеттина километри од Лескоец
Стасавме во Лескоец со нашите пријатели од овој крај кои постојано живеат во убавата Флорида, во САД. Застанавме во центарот на оваа убава македонска населба која е ни село ни град и која најповеќе е позната по убавите охридски цреши, од каде се упативме кон нашата дестинација – Скребатно.
Патниците кои доаѓаат преку Ресен во Охрид го познаваат Лескоец дека почнува од поранешниот индустриски центар кај Косел се’ до вечните почивалишта на Охриѓани. Меѓутоа, патот од Лескоец до Скребатно е посебна приказна за посетителот. Уште од почетокот се забележуваат убави и современи македонски куќи со различна архитектура која го привлекува вниманието на посетителот. Бевме информирани дека голем број од тие домови припаѓаат на поранешни жители на Скребатно.
Патот за Скребатно е асфалтиран и пријатен за патување. Но природата од двете страни на реката има посебна убавино. Насекаде зеленило и различни планински дрва. Човек се чувствува како да бил повеќе пати. На природната убавина ѝ немаше крај. Исто така, по патот видовме и бројни варници, што е карактеристика за овој крај под варовита Галичица.
Стасавме во селото Скребатно, во кое покрај напуштените стари и трошни куќи се градат и нови домови, и по патот со повеќе кривини и узгорништа се искачивме до црквата Света Богородица. Бевме информирани дека црквата Света Богородица во Скребатно целосно е возобновена пред петнаесеттина години, врз темелите на стариот храм чија старост не е точно утврдена. Скребатно, пак, по прв пат во пишан документ се спомнува уште во 1583 година. А, Македонците по потекло од селото Скребатно каде денеска нема ниту еден жител не само што ја чуваат традицијата, верата и обичаите туку претставуваат и вистински пример како треба да се сака и надградува едно свето место.
bog2
Пред црквата Света Богородица
Инаку, култот на Светата Марија се негува насекаде во Македонија, а особено се негува во Охридскиот регион. Нејзиниот култ е претставен во македонската средновековна литература, во традициите и фолклорот. Историјата на уметноста има важна улога во културните достигнувања, а некои од македонските икони и фрески се вклучени во светското наследство. Затоа, славата и честа на Пресветата Дева Марија во Македонја се големи, слично или идентично како во целиот христијански свет,
Според верувањата на христијаните Богородица била мајка на Исус Христос и сопруга на Јосиф. Марија е позната ѝ како Дева Марија, Светата Мајка, Мадона, Блажена Марија. Во православието и католицизмот таа е најпочитуваната светица, а во исламот е една од трите совршени жени.
Нашето доаѓање на 28 август во Скребатно беше да присуствуваме на големиот народен собир кај црквата посветена на Богородица,. На ова големо народно-црковно собирање и прославување, како и во изминатите години, така и годинава, присуствуваа близу десет илјади гости-верници, намерници, туристи….
Ја посетивме црквата која го носи името на Пресвета Богородица, запаливме свеќи и се помоливме за здравје и среќа. Инаку, Пресвета Богородица како заштитничка на децата и семејството, посебно е почитувана од жените. Тоа е она што дава повод мајките како носителки на род, како заштитнички на домовите, самите мајки на еден начин да се приближат кон светоста на Богородица бидејќи таа е најпочитувана света жена во православната црква. Така, со света литургија и богослужби, во чест на Божјата Мајка се одбележа и годинешниот празник Света Богородица.
Во црквата и црковниот имот кој се посветеност на сите кои во минатото го напуштиле селото и се иселиле во Лескоец, Охрид, други места во Македонија и во иселеништво и се подалек, од нивното родно место, тие црковниот имот го викаат Манастир. А најголем настан во Скребатно е прославата на Света Богородица 28 август. Тоа е денот на заштитничката Света Богородица. Цела година Скребаштани се подготвуваат за тој ден, а го празнуваат цела недела.
bog3
Дел од манивестацијата – ручек
За празникот Успение на Пресвета Богородица се приготвува и дели ручек за пет илјади луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века. Ручекот е манџа од овчо месо, сервирана во земјени чинии и дрвени лажици. Тогаш се служи прекрасен селски леб печен во домашни фурни на дрва. За таа цел се колат 50-80 овци и јагниња, а манџата се готви истиот ден во големи бакарни котли. Тој ден се послужуваат околу 5.000 ручеци и тоа за само еден час, што е големо доживување да се види тоа.
Исто така, секоја година на празникот во Скребатно се одржува наддавање за светиот крст и други донаторски активности, а средствата собрани од учесниците во наддавањето се искористуваат за надградба и одржување на светиот храм и веќе познатото излетничко место. И оваа година најголеми донатори за Манасторот беа иселениците, меѓу кои од Австралија и нашите домаќини од Флорида, кои заедно со другите донатори собраа петнаесеттина илјади евра. Со скромна донација учествуваше и авторот на овие редови Славе Катин, кој подари 12 публикации на Манастирот, од кои поголемиот број се монографии со национален, духовен и црковен карактер.
Инаку, Имотот на црквата Успение на Пресвета Богородица е голем и опфаќа ливади, шума, река со мали водопади, чешма со вонредно студена вода, кујна опремена со прибор за 5.000 гости, отворени шанкови, скари, маси за ручање на повеќе места во комплексот, уредени и чисти тоалети, приклучоци за струја низ целиот комплекс, спортски терени за мал фудбал, кошарка и ракомет, рибник и реновираната црква Света Богородица. Сето тоа е на располагање на посетителите 24 часа без никаков надоместок.
Заатоа Скребатно е посетено од многу луѓе речиси секојдневно кога временските услови тоа го дозволуваат. Во Манастирот Света Богородица на ова убаво планинско село по повод повеќе празници се организираат забавни програми, концерти и други манифестација, каде Македонците од овој убав крај ја изразуваат нивната вера, надеж и љубов кон Македонската православна црква – Охриска архиепископија и кон Македонија.
Slave Nikolovski – Katin
Пишува СЛАВЕ КАТИН