На 21 август 2019 година, во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) од Славе Катин. Тоа е дело на Издавачката куќа „Македонска искра“ од Скопје и на Фондацијата „Џорџ Атанасоски’ од Прилеп. Делото е на англиски јазик, на 432 страници, чиј рецензенти се покојниот академик Антонио Шкокљев-Дончо од Белград и бизнисменот Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски од САД, а промотор на публикацијата беше м-р Милчо Јованоски Делото на Славе Катин „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) беше претставено пред бројни гости во Библиотеката „Григор Прличев“. Свеченоста ја отвори Гордана Змејкоска, директор на Библиотеката, која рече дека ѝ претставува чест што по втор пат отвора промоции на книги на овој познат автор на кој цел творечки опус му е поврзан со Македонија и Македонците во светот. За делото, пак, зборуваше познатиот новинар м-р Милчо Јованоски, кој во своето излагање, меѓу другото рече дека во книгата е даден развојниот пат на македонското иселеништво кој во основа се совпаѓа со развојот на настаните на Балканот и уште повеќе во зависност од тоа како се одвивале настаните околу Македонија. Тешките, лоши, често и невозможни услови за живеење, политичките состојби и постојаната борба за опстанок присилиле голем број Македонци да се определат за преселби, за печалбарство. За иселувањето е карактеристично што Македонците од етничка Македонија најпрво се определувале за иселување во Соединетите Американски Држави и Канада, а потоа за Австралија, Европа и други земји. Инаку, Македонија традиционално е иселенички регион од каде се одвивале иселенерски движења на македонскиот народ претежно кон трансокеанските и во другите земји уште од средината на 19 век. Ваквите движења беа особено потенцирани во втората половина на 19 век и беа познати како „печалба“ (заминување во странство заради економски причини). Со различен обем и интензитет тие продолжија до денес. Така, според некои податоци, првата група на „печалбари“ (луѓе кои оделе на работа во странство) стигнале до северноамериканскиот континент во 1885 година, а Австралија во 1920 година. Сепак, поединци кои се придружија на групите „печалбари“ од соседните и други земји го преминаа океанот уште пред тоа. Затоа, книгата „Македонците во светот“ е особено посветена на Македонија, на Македонците во светот. Во публикација „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) осебно е нагласена улогата на македонските православни цркви и црковни општини, клубски и други асоцијативни облици на собирање во прекуморските и во европските земји. Најголемиот број Македонци членуваа или се редовни посетители на тие многубројни асоцијации, каде тие организираат верски, национални, фолклорни, спортски, културни и други манифестации. Делото е поделено на седум глави. Првата глава е насловена „Вистината за Македонија“, потоа следат главите „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“, „Македонците во светот“. „Македонски асоцијации во САД“, „Македонски асоцијации во Канада“, „Македонскиот печат во Австралија и Европа“ и седмата глава е посветена на Македонците во соседните земји. Во публикацијата „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) се презентирани настаните пред Втората светска војна, кога асоцијациите на македонските доселеници биле под силно туѓо влијание, особено на бугарската, а подоцна и од грчката пропаганда. Но без оглед на тоа, тие ја задржале својата македонска етничка припадност, зошто нивните друштва и асоцијации создавале можности за меѓусебни контакти и за побрза интеграција во новото општество. Меѓутоа, по конституирањето на Република Македонија во 1944 година и по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква рапидно се изменија состојбите на организиран црковно-духовен и национален план. Македонските православни цркви започнаа да го опфаќаат мнозинството на македонските иселеници кои се сплотени во самостојни асоцијации, во состав на македонските православни цркви, манастири, и други црковни организации во кои членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. За животниот пат на авторот на делото „Macedonians in the World“ (Македонците во светот) зборуваже авророт на овие редови, кој, меѓу другото рече дека новинарот, публицистот, истражувачот и преведувачот – Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа и во Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во Македонците од сите делови на Македонија расселени насекаде во светот. Славе Катини’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Покрај 58-те публикации, Катин е автор и на повеќе од 150 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литературата. Свето Стефановски |