Со образложение дека терминот „Македонија“ е закана за грчките територии, доколку биде содржан во предлогот за решение за името, вчера во Солун околу 90 илјади лица излегоа на протестот, за да го изразат своето незадоволство, но и стравувањата од ирендетизам кај северниот сосед.
Македонија веќе одреден период е во фокусот на грчката јавност по обновувањето на преговорите за решавање на спорот со името. Со отворањето на процесот кој со години, како да беше ставен под тепих, освен што на површина излезе оптимизмот за надминување на спорот во одредени кругови во Грција, меѓу кои и Владата на премиерот Алексис Ципрас, се отвори и пандорината кутија, при што излегоа и екстремистичките ставови дека земјава всушност доколу го задржи терминот „Македонија“ во името ќе ги „разбуди и своите иредентистички претензии кон териториите во северна Грција“.
Но, каков е навистина соодносот во бројките меѓу двете земји, покажува годишниот извештај за 2017 година на globalfirepower.com.
Според извештајот, кој го пренесува грчкиот портал Њусбист (www.newbeast.gr), Македонија е земја со 2.100.025 жители, од кои 1.046.540 се активно население.
Македонија има 8.055 активни војници, додека Грција располага со 161.500 припадници на активниот состав на армијата.
Ние имаме 16 илјади резервисти, додека пак нашите јужен сосед 252.250 илјади.
Македонија располага со 16 воени воздухоплови наспроти 600-те на грчката армија, од кои АРМ има четири напаѓачки хеликоптери, додека Грците имаат 206 авиони-ловци и 29 напаѓачки хеликоптери.
АРМ располага со 31 тенк и 330 борбени возила, за разлика од Грција, која на терен може да се појави со 1.345 тенкови и 4.209 борбени возила.
Против кревање тензии меѓу двете земји се изјасни и лидерот на грчката Либерално-демократската партија „Потами“, Ставрос Теодоракис.
Тој, како што претходно објави МИА објаснувајќи на својот фејсбук профил зошто не присуствувал на вчерашниот митинг во Солун, појасни дека 25 години се изгубени одржувајќи воена атмосфера со мала земја која, како што вели, може да и биде верен сојузник на Грција.
Со став дека името Македонија и северниот сосед не се никаква закана за Грците, се произнесе и кипарскиот архиепископ Хризостом.
Според него, смешно е да се тврди дека „Скопје може да ја нападне Грција и да го зеземе Солун. Напротив, вели, Грција треба да го заземе Скопје, но економски“.
– Грција не е под никаков ризик од ПЈРМ, без разлика дали ќе се нарекува Македонија или не. Не знам зошто Грците стравуваат северниот сосед да се нарекува Македонија, додаде кипарскиот архиепископ.
Во Грција вчера се одржа протест во Солун против употреба на името Македонија во решението за спорот.
Нешто повеќе од четири часа траеше официјалниот дел од собирот, на кој беа присутни пратеници од речиси сите опозициски партии, од Нова демократија, од Демократска алијанса, од Сојуз на централисти, од Златна зора, но и пратеници од коалициониот партнер во грчката влада, Независни Грци. На протестот во Солун присуствуваа и претставници на високиот грчки клер, иако архиепиското Јероним јавно кажа дека црквата не поддржува такви собири.