Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија во Република Македонија.
Од МНР соопштија дека Димитров ги информирал ЕУ амбасадорите за актуелните случувања и текот на отпочнатите реформи во Република Македонија.
Димитров ја реафирмирал заложбата за почнување на пристапните преговори со ЕУ и неопходноста од обезбедување кредибилност на процесот на интеграција во ЕУ. Исто така, информирал за конкретните реформски активности, пред се, во приоритетните сфери: правосудство, добро владеење, јавна администрација и следење на комуникациите.
– Треба да ја искористиме секоја шанса за напредок. Ние ќе направиме се да ве убедиме дека можеме да бидеме фактор на успех, за нас, за регионот и за Унијата, посочил министерот Димитров.
Од страна на ЕУ амбасадорите, била изразена поддршка и биле упатени охрабрувачки пораки за досегашниот ангажман на Владата. Истовремено била истакната важноста од континуирано одвивање на процесот на реформи како битна претпоставка за детерминирање на натамошниот тек и динамика на европскиот интегративен процес. Во тој контекст, амбасадорите ја нагласиле неопходноста Република Македонија да се фокусира на имплементација на итните реформски приоритети.