СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ бара единствено бегство од законот за сите обвинети

Тимот на СДСМ на синоќешната лидерска средба понудил формирање нова обвинителска институција што ќе гони висока корупција за сите нови случаи, како што соопштуваат од СДСМ, за да се гарантира правната држава, а предложиле и првиот човек на таа институција да го предлага опозицијата, но и тоа било одбиено од ВМРО-ДПМНЕ.

 – Додека сите граѓани очекуваа договор во интерес на правната држава, Христијан Мицкоски на вчерашната лидерска средба безобразно и во груевистички стил го бранеше криминалот на режимот барајќи сите предмети од СЈО да ја изгубат својата иднина. Тимот на СДСМ предводен од претседателот Заев им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција за сите нови случаи за да се гарантира правната држава, но нив тоа не ги интересираше бидејќи бараа единствено бегство од законот за сите обвинети од нивната режимска структура.  Предлогот беше прв човек на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа ВМРО-ДПМНЕ го одби, соопшти СДСМ.

Според СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Антонио Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ доцна во ноќта неуспешно се бореле, како што наведуваат, „да го спасат криминалот на режимот“.

– Груевски прво го избра Мицкоски со единствена задача до последен здив да го штити, сега од Будимпешта нарачува и подобен обвинител.  Граѓаните и сигурната иднина не смеат и понатаму да бидат заложници на азилантот кој од таму му дава инструкции на едократниот Мицковски. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе одговараат пред граѓаните за загрозување на правдата и за загрозување на европскиот пат на нашата земја. Повеќе од две години како опозициска партија и 11 години претходно како режимска власт, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата штета за Северна Македонија на патот до правда и до Европската унија, се вели во соопштението од СДСМ.

Заев и Мицкоски на лидерската средба ноќеска не успеаја да најдат решение за Законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Новинарските екипи по два часот по полноќ го напуштија Собранието и не го дочекаа исходот од лидерската средба.

Клучната разлика околу која се кршеа копјата меѓу двата тима беше судбината на предметите на СЈО.

Од средбата се очекуваше решение за Законот за ЈО кој треба да се донесе најдоцна до 15 септември со двотретинско мнозинство во Парламентот. Законот е во собраниска процедура и е почната амандманската расправа за него.

До 15 септември завршува и мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор како осомничена во случајот „Рекет“. Јанева со известување од затворот даде овластување сите предмети од СЈО да преминат во Јавното обвинителство. Оттаму потврдија дека испратиле допис до СЈО за преземање на предметите.