Експертска група во Правда, меѓупартиски средби во Собрание за Законот за ЈО

Во Министерството за правда денеска на пладне продолжуваат констултации за Законот за јавно обвинителство со експертската работна група, додека попладне во Собранието е предвидено да продолжат и преговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата.

Од Министерството за правда информираат, дека во министерството денеска на пладне продолжуваат вчерашните констултации со експертската работна група.

Министерката за правда Рената Дескоска на својот Фејсбук профил вчера објави фотографии, на кои се гледа дека на состанокот меѓу другите присуствувале државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинителката од СЈО Ленче Ристовска, академик Владо Камбовски и професори од Правниот факултет.

Попладне во 16 часот во Собранието е предвидено да има нова средба меѓу работните групи на власта и опозицијата, велат од Министерството за правда.

Главните разлики меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

Поради скратените рокови Законот за ЈО се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.