Обучени 19 невработени лица за фризери и готвачи

Отворениот граѓански универзитет за доживотно учење Тетово реализираше две обуки по верифицирани програми за „Фризер за жени и мажи“ и „Готвач во угостителски објект“ со кои нови вештини стекнаа 19 досега невработени лица. Обуката за фризери ја посетувале и успешно ја завршиле девет учеснички, а обуката за готвач ја посетувале и успешно ја завршиле десет лица.

– Обуките од 1-ви мај до 31 август опфатија часови за теоретски дел, практичен дел и часови за проверка на постигнувањата на кандидатите. Учесниците следеа стручно теоретски содржини кои се реализираа во училница/кабинет и беа во функција на практичната обука која пак, се изведуваше во реални услови кај соодветни работодавачи. Сите кандидати успешно ја завршија обуката и се стекнаа со соодветни знаења, вештини и компетенции. За успешно реализираните обуки се стекна со соодветни сертификати по верифицирана програма, информираат од Граѓански универзитет.

Овие обуки за побарувани занимања се реализирани со поддршка на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Центарот за вработување Тетово, а како дел од новиот Оперативен план на Агенцијата за вработување за активни мерки и програми за вработување и поддршка на невработените лица. Сите учесници беа невработени лица од регионот на Тетово, активни баратели на работа.

Покрај овие обуки Отворен граѓански универзитет за доживотно учење нуди и неформално образование за возрасни по верификувани прогрограми за многу други занаети: ѕидари-фасадери, слаткари, ракувачи со градежна механизација, заварувачи, пекари и друго. Универзитетот нуди и валидација на претходно стекнати занаења и вештини во неформалното и информалното учење преку проверителни испити за сите занаетчиски дејности.