Милевски и градоначалниците од Вардарскиот плански регион потпишаа договор за финансирање на Центарот за развој на планскиот регион

Во Центарот за развој на Вардарскиот плански регион во Велес денеска министерот за локална самоурава Горан Милевски потпиша договор за соработка во 2019 со градоначалниците од Вардарскиот плански регион и претседателот на Советот на Вардарскиот плански регион Аце Коцевски.  Со овој договор и министерството и градоначалниците се обврзаа да ги финансираат активностите на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Ова е последен регион во земјава во кој се врши потпишување на ваков договор за соработка.

Министерот Милевски изјави дека министерството им излегува во пресрет на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион за оперативните трошоци и да ги подготват проектите со кои ќе аплицираат за наредната година.

– Ние правиме измени на Законите за рамномерен регионален развој и на Законот за децентрализација и се надеваме дека со Законот за рамномерен регионален развој ќе најдеме некоја нова форма за функционирање на овие плански региони, за вработените во овие центри и финансирање на овие регионални плански центри со цел да се зголеми нивниот капацитет, а тие да бидат спремни за претпристапните фондови преку ИПА програмата да може поквалитетно да одговорат на барањата на општините, појасни Милевски.

Тој информира дека и за Законот за децентрализација денес ќе разговара со градоначалниците и додаде оти веќе имаат начелни согласување меѓу Министерството за локална самоуправа и барањата на ЗЕЛС. Постапката е во тек и очекува до крајот на септември да има драјв верзија којашто ќе може да се презентира пред Владата.

Милевски информира дека Министерството за локална самоуправа ќе го финансира Вардарскиот плански регион со 1,2 милиони денари и плус уште толку за изработка на нивните проекти, а толкав износ на средства се обврзуваат да издвојат и градоначалниците од деветте општини од Вардарскиот плански регион. Нагласи дека останува обврската на градоначалниците редовно да ги подмируваат обврските кон ЦРВПР бидејќи, како што потенцира, Центарот работи за нивните потреби.

Претседателот на Советот за развој на Вардарскиот плански регион Аце Коцевски појасни дека освен преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој тие добиваат важни средства и за единиците на локалната самоуправа со кои се подобрува квалитетот на живеење на граѓаните.

– Оваа Влада за сто отсто ги зголеми средствата за тие намени и иако се тие сериозно зголемени, останува ставот на градоначалниците во ЗЕЛС дека тие средства не се доволни и очекуваме во наредниот период централната влас да го почитува законот и да издвојува повеќе финансиски средства за изедначување на големиот нерамномерен развој на општините во државава, потенцира Коцевски.

Директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи информира дека за оваа 2019 година за Вардарскиот плански регион имаат доделено околу милион евра.

– Оваа Влада ги зголеми средствата за планските региони за сто отсто и се надеваме дека и во иднина ќе продолжи овој тренд на зголемување на средствата за рамномерен регионален развој,потенцира Реџепи.

Тој информира дека средствата треба да бидат искористени до крајот на годината. Се планираат измени на Законот за регионален развој со кои, како што рече, ќе се предвиди двегодишна програма со која ќе имаат поголема можност и поголем временски период во кој ќе можат да ги реализираат проектите.