Спасовски во посета на реновираниот објектот на ПС Кратово

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска ја посети Полициската станица во Кратово, чиј објект е реновиран во рамки на програмата за подобрување на услови за работа за полициските службеници.

Според Спасовски реновирањето е дел од програмата која ја спроведува Министерството во изминатите две години, а ќе продолжи и во иднина.

– Градежните и други работи за реновирање и санирање на објектот на ПС Кратово се целосно завршени, односно реализирана е уште една наша инвестиција вредна околу 3.800.000 денари, пари обезбедени од буџетот на министерството. И во наредниот период продолжуваме со подигање на севкупните стандарди и услови на работа на полицијата, а со тоа на нејзина поголема функционалност и ефикасност во секојдневното работење, изјави Спасовски.

Безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кратово, се вели во соопштението од МВР, е стабилна и во текот на првата половина од годинава, споредбено со истиот период лани, бележиме намалување на сторени кривични дела, поточно намалување од 33,4 проценти, а имаме и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир. Од друга страна зголемена е ефикасноста на расчистени кривични дела во споредба со истиот период лани.

– Генерално може да констатираме дека на подрачјето на оваа полициска станица имаме стабилна состојба и искрено очекувам колегите да продолжат со овој тренд на работа, рече Спасовски.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на Кратово Љупчо Бојаџиев, на која разговараа за соработката меѓу полицијата и локалната самоуправа која е на високо ниво, а потоа заедно присуствуваа на седницата на локалниот совет за превенција.

– Постојаната и квалитетна соработка меѓу локалните власти и полицијата, е еден од оние основни предуслови, не само за партнерско делување во врска со низа заеднички интереси, туку и за постигнување ефективни резултати во личната безбедност и сигурноста на граѓаните, во одржувањето на јавниот ред и мир, во заштитата на материјалните добра. Од суштинска важност е функционирањето на Локалните совети за превенција, за навремена и квалитетна детекција на проблемите и приоритетите во рамки на локалната заедница, и носење соодветни решенија, рече Спасовски.